Во пресметка со полицијата ранети жената и ќерката на водачот на терористичка група на Шри Ланка

Сопругата и ќерката на водачот на исламистичката група одговорна за самоубиствените бомбашки напади на Шри Ланка ранети се во судирот ноќта кон саботата на истокот од земјата, објави полицијата.

Полициските командоси, со поддршка на припадници на полицијата, ја опколиле доцна ноќта навечер куќа во Саинтамарита, 364 километри источно од главниот град Коломбо, поради сомневање дека во неа се наоѓаат исламисти поврзани со нападите врз црквите и хотелите на велигденската недела.

„Да, сопругата и ќерката се ранети во тој напад“, изјавила Хашем Матанија, сестра на Захаран Хашим.

Откако од куќата било пукано врз припадниците на полициско-воените специјални сили, започнала престрелка, а во куќата одекнале три силни експлозии. Телата на 16 лица, меѓу нив и на шест деца, се пронајдени на местото на жестоката престрелка изминатата ноќ, извести портпаролот на војската во саботата.

Престрелката се случи шест дена откако исламистичките бомбаши самоубијци убија најмалку 253 лица во нападите врз три цркви и три луксузни хотела.

Властите на Шри Ланка во петокот потврдија дека Захаран Хашим се разнел со бомба во хотелот „Шангри-ла“ во престолнината Коломбо. Захран ја водел групата National Thowheeth Jama’ath и ширел екстремистичка идеологија во разни делови од земјата. Се смета дека тој е одговорен за организирање на нападите врз будистичките светилишта во централна Шри Ланка ланскиот декември.

Висок воен официр рекол на прес-конференција дека внимателно ги проучувале цртите на лицетот на Захаран на достапните снимки од надзорните камери и го споредувале со оние на бомбашот самоубиец и утврдиле дека тој загинал. Во тек е ДНК анализа за да се потврдат овие сознанија.