
Пратеникот од парламентарното мнозинство, Павле Богоевски денеска во Собранието одби да одговори на новинарските прашања околу скандалот што го зафати по објавата на телефонски разговор во кој тој нарачува дрога.
За да се расчистат сите дилеми – дали пратеникот од власта набавувал за себе или за друг Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ денеска поднесе инцијатива до претседателот на Собранието во понеделник да се врши тестирање на пратениците за употреба на дроги на доброволна основа.
Но, од спикерот Талат Џафери смета дека нема правна основа да организира тестирање за наркотици за пратениците.
„Нема правен основ според кој Претседателот и Собранието на Република Северна Македонија би можеле да ја реализираат Иницијативата на Независната пратеничка група. Условите за кандидирање, за избор и за работа на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија се јасно дефинирани и оттука, Претседателот на Собранието не може и не смее да постапува надвор од своите законски овластувања“, се вели во соопштението од кабинетот на Џафери.
Јавноста бара оставка од Богоевски
Додека дел од неговите колеги од парламентот, но и од Шарената револуција застануваат во негова одбрана, мнозинството од јавноста смета дека Богоевски мора да понесе морална и политичка одговорност по признанието дека набавувал наркотични средства спротивно на законот.
Последен во низата кој го повика на одговорност е поранешниот пратеник Сафет Бишевац.
„Богоевски призна на кој начин се случувала таа работа. Ова општество веќе треба да биде сведок на поднесување на морална одговорност. Не ме интересира дали Павле Богоевски нарачувал за болен во фамилијата или половина од тоа го нарачувал за свои лични потреби. Тогаш се покажува моментот кога се потврдува беззаконието“, рече Бишевац во синоќешното гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.
Спасовски: Богоевски ќе биде третиран како и секој друг
МВР ќе го третира случајот со пратеникот Павле Богоевски како и секој друг случај за кој е покрената истрага, затоа што, пред се’, сите сме граѓани на оваа држава, вели министерот за внатрешни, Оливер Спасовски.
„Без разлика дали некој носи некаква функција или не, тоа не е никаква предност за него, туку напротив, тој само има поголема одговорност. Затоа ниту јас, ниту колегите од МВР немаме никаква причина да не постапуваме за овој случај на начин како и за сите други случаи. Се работи за настан кој е во истрага, но и јавноста знае дека не станува збор за разговор што бил прислушуван од страна на институциите, туку бил сниман со мобилен телефон или друг уред. Добро е сето тоа да се расчисти затоа што сакаме да застанеме на патот на злоупотребата на снимањето и нарушувањето на приватноста на кој било човек. Што се однесува до сличниот случај во Прилеп, со прислушуваните разговори, истрагата е при крај и деновиве очекувам да биде поднесена кривична пријава“, истакна Спасовски.