
И по две недели се уште не се знае колку дрога заплени МВР во полициската акција на повеќе места во скопско. Шефот на Јавното обвинителство, Љубомир Јовески, вели дека не му е познат овој податок, анализира телевизија Алфа.
Алфа постави прашање и до прес службата на ОЈО, од таму пак велат дека се уште со крим-техничко вештачење се утврдува количината и квалитетот на кокаинот.
Не ми е познат податокот точно колку дрога е запленета во таа акција. Со тие податоци располага обвинителот кој постапува по тој предмет, изјави Јовески.
Иако при вакви акции количината на запленетата дрога скоро секогаш се знае одма, во овој случај се уште никој не открива. Од МВР преку соопштение само информираа дека била одземена одредена количина на кокаин. Пред 10-тина дена министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, исто така не одговори колку дрога паднала во рацете на полицијата.
Значи ние дадовме соопштение во однос на целосна акција, тие што требаше да бидат приведени и уапсени, се приведени и уапсени. Истрагата продолжува понатаму на сите осомничени кои што се инволвирани во овој случај, повеќе детали не можеме да соопштиме… Сите тие детали ќе ги добиете дополнително, изјави Спасовски на 13.05.2019-та.
Се поставува и прашањето колку дрога има по улиците низ државата. На оваа тема во својата колумна се осврна и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој вели дека дрогата секогаш ја имало во Македонија, како што ја има и во светот, но предупредува дека никогаш толку многу како што е сега.
Проблемот е толку голем, дрогата е толку распространета што таква акција треба да се спроведе во секој средно голем град во државава, а во Скопје секој викенд буквално. Паралелно со тоа треба силна едукативна кампања која би почнувала уште од основно образование, истата да продолжи во средно и на факултетите, кампањата треба да ја има и во медиумите, како и онаму каде што се излегува. Кампањата мора да е силна и јасна. Во минатото такви кампањи имаше. За жал, сега ги нема, пишува во колумната Николоски.
Николоски вели и дека подолг период јавноста не слушнала дека на некој граничен премин била запленета поголема пратка на дрога. Тој порачува ако некој од Владата смета дека тој претерува со она што го пишува, неколку вечери да излезе во било кој ноќен клуб и се ќе му биде јасно. Николоски вели и дека не е случајно што порано најмногу луѓе имало околу шанковите, а сега најмногу луѓе има кон тоалетите.
ИЗВОР: АЛФА.МК