
Ирците со големо мнозинство го одобрија укинувањето на ограничувањето за раскинување на бракот на референдумот од кој резултатите се објавени во неделата, што се оценува како уште едно скршнување во земјата со изразено строга католичка традиција.
Дури 82 отсто од избирачите се изјасниле за укинување на уставната одредба којашто ја обврзува брачната двојка да живее одвоено четири до пет години пред да го поднесе барањето за развод. Референдумот се одржа во петокот заедно со изборите за Европскиот парламент, со одѕив на гласачите од 51 отсто.
Ирската влада најави дека ќе поднесе нов нацрт закон во кој периодот на задолжителната раздвоеност ќе се намали на две до три години пред поднесувањето на барањето. Покрај тоа, во Ирска ќе се прогласи за валиден и разводот за кој одлуката ќе ја донесат странски судови.
Периодот од четиригодишната раздвоеност беше услов од претходниот референдум одржан во 1995 година, на кој Ирците со тесно мнозинство од 50,3 отсто го одобрија законот за развод на бракот.
Сегашниот референдум се одржа точно една година по плебисцитот на кој 66 отсто од Ирците се изјаснија и за укинување на уставната забрана за абортус.