
Историскиот лидер на курскиот бунт Абдула Оџалан повика во неделата на прекин на штрајкот со глад во кој стапија илјадници затвореници во Турција во знак на протест против условите под кои е држен во затворм, сооопштија неговите адвокати.
„Очекувам да го прекинете штрајкот“, рекол Оџалан, според текстот што го прочита неговата адвокатка Невроз Ујсал која во текот на мај двапати го посети курдскиот водач кому тоа му е забрането од 2011 година. Според адвокатката, Оџалан во разговорот со неа истакнал дека „шрајкот со глад треба да се прекине бидејќи ја постигнал својата цел“.Двајцата адвокати го посетија Оџалан на 2-ри мај во затворот, а кога минатата седмица забраната беше укината повторно се вратија оваа среда.
Информацијата доаѓа по укинувањето на забраната адвокати да го посетуваат Оџалан воведена пред осум години. Прокурдската партија HDP тврди дека штрајкуваат околу 3.000 затвореници, од кои повеќето се придружиле од солидарност со прокурдската пратеничка Лејла Ѓувен која од ноември не зема храна протестирајќи со тоа против изолацијата на Оџалан. Од почетокот на штрајкот, во затворите се убиле осум луѓе, тврди HDP.
Во октомври 2012 година турските власти започнаа мировни преговори со основачот и лидер на Работничката партија на Курдистан ( РКК), Абдула Оџалан, кој е заточен на доживотна робија откако беше уапсен и грабнат од припадниците на турските тајни служби во Кенија во февруари 1999 година. Во јуни истата година, тој беше осуден на смрт за тероризам и предавство и затворен на островот Имрали во Мраморно Море, јужно од Истанбул. Казната подоцна под притисок на меѓународната заедница беше заменета со доживотен затвор без право на помилување. Со овие преговори требаше да се дојде до решавање на триесет ипетгодишниот турско-курдски судир за автономија на Курдите во кој загинаа над 40 илјади луѓе.
Според планот двете страни преземаа обврски, со кои требаше да се стави крај на долготрајниот конфликт. Дел од обврските беа исполнети, и во согласност со планот, PKK официјално прогласи прекин на огнот од 21-ви март 2012 година, кога се прославува курдската Нова година. Повлекувањето на курдските милитанти од турската територија кон планината Кандил во северен Ирак требаше да заврши на 15-ти август 2013 година. Наведениот датум зависеше од тоа дали Турција ќе ги усвои реформите со коишто ќе гарантира поголеми права за курдското малцинство, коешто според процените го има околу 15 милиони, што претставува 20 отсто од вкупното населени на Турција коешто брои речиси 80 милиони луѓе. Курдските борци ја прекинаа таа операција во 2012-та, оценувајќи дека владата во Анкара не ги одржала ветувањата за реформите во полза на курдското малцинство.
Процесот на решавањето на курдското прашање беше загрозен и со протестите на курдското население откако џихадистите од Исламската држава преземаа повеќемесечна офанзива за заземање на Кобани, третиот по големина курдски град во соседна Сирија, а турските власти не дозволуваа пребеганите курдски борци или доброволци да се вратат и да го бранат градот. Во тој период зачестија и нападите врз турските војници. Во март истата година Оџалан ги повика своите поддржувачи да одржат конгрес на кој ќе се расправа за мирно решавање на курдското прашање.