Поранешниот разузнавач Богоевски не ги наклеветил Ахмети и Џафери, одлучи Апелација

Апелациониот суд донесе одлука во четвртокот, според којашто поранешниот разузнавач Слободан Богоевски не ги наклеветил лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот вицепремиер, Муса Џафери, против кои сведочеше во случајот „Маѓар Телеком“.

Судот ја прифати жалбата на Богоевски и донесе одлука дека тужбата на Ахмети и на Џафери била недопуштена. Ова е втор пат за Апелација да донесе одлука, претходната беше дека Богоевски сторил клевета.

Второстепениот суд донесе мериторна одлука според која тужбата на двајцата била недопуштена. Ова е вторпат како Апелација одлучува за овој случај. Претходно во два наврати Граѓанскиот суд донесе одлука според која Богоевски сторил клевета.

Ахмети и Џафери ја поднесоа тужбата откако Богоевски во исказ пред њујоршкиот суд навел дека на двајцата функционери на ДУИ им било исплатено мито од „Маѓар телеком“ во износ од по 2,5 милиони евра во 2005 година. Ахмети и Џафери во тужбата бараа отштета од 90.000 евра, но за време на постапката пред Основниот суд Скопје 2 Скопје, го повлекоа таквото барање.

Богоевски во сведочењето пред Окружниот суд во Њујорк тврдеше дека поранешните директори на „Маѓар телеком“ дале 2,5 милиони евра поткуп и на тогашниот премиер Владо Бучковски. Наводно, Бучковски, Ахмети и Џафери биле поткупени за да оневозможат влез на друг телекомуникациски оператор во Македонија.