
Јужнокорејските нуркачи спасувачи во понеделникот изведоа пробни нуркања во Дунав во Будимпешта во рамките на планот да се нурнат до остатоците од труистичкиот брод кој превезуваше јужнокорејски туристи кога минатата седмица потона по судар со друго пловило во текот на ноќна панорамска пловидба низ унгарската престолнина.
Пловечкиот хотел „Viking Sigyn“ удри во средата во текот на пловидбата во услови на силен дожд во помалиот туристички брод „Sirena“ на Дунав. Туристичкиот брод, на кој била групата јужнокорејски туристи, се преврте и потона во најголемата несреќа на Дунав во последните половина век.
Седум Корејци се спасени, а седум тела се пронајдени уште истата ноќ веднаш по несреќата. Уште 21 лице, 19 Корејци и двајца Унгарци, се водат како исчезнати и се верува дека се мртви. Меѓутоа, надојдената тека ги попречува напорите на нуркачите да допрат до остатоците во потрага по настраданите пет дена по несреќата.
Корејските реморкери и неколку гумени глисери го замениле унгарскиот теглач во понеделникот рано утрото, подготвувајќи се за тестирање и нуркање, пренесе снимателот на агенцијата Reuters од местото на настонот.
„Нурнувањето е тестирано во 8 часот утрото по локално време за да се проверат можностите за работа под водата штом ќе завршат подготовките. Местото на влегувањето во водата ќе биде од теглачот кој се наоѓа на местото на несреќата. Целта на денешното нурнување не е да се направи обид за влегување во потонатиот брод, туку првенството да се провери каква е ситуацијата“, се наведува во соопштението на спасувачкиот тим.