
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги смета дека двојниот ангажманот на вработени новинари во телевизии како советници кај премиерот, претставува пречка за поставување професионална дистанца при информирањето на јавноста и да ја загрози слободата на изразување.
Улогата на медиумите е да бидат критичари и коректори на власта, и во тој контекст, неопходно е при ангажманот на кадарот, да водат сметка дека треба да обезбедат самостојност, независност и одговорност на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика. Ова е важен предуслов за (меѓу другото) известувањето да биде објективно и непристрасно со еднаков третман на различните гледишта така што јавноста ќе може самостојно да гради мислење за општествените случувања и настани, наведува во соопштение АВМУ по објавување на информации за истовремен ангажман на две лица и како активно вработени новинари во телевизии и како советници на премиерот Зоран Заев.
Додаваат дека во време кога земјава прави напори за зголемување на професионалноста на медиумите и слободата на информирање, ваквиот двоен ангажман може да претставува пречка за поставување професионална дистанца при информирањето на јавноста и да ја загрози слободата на изразување.
Агенцијата, како што наведува во соопштението, за ова ги информирала и премиерот Зоран Заев и двете телевизии.