
Tекстот објавен во грчките медиуми со непроменетото име на сајт за туристичка промоција на земјава, „Macedonia timeless“, беше причина за реакции од опозициската Нова демократија, со остри критики до грчката влада. На тоа експресно одговори шефот на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос.
„Провокативната и дрска употреба на терминот Македонија од официјален сајт на Скопје и тоа за туристичка промоција на соседната земја, на најлош начин ги оправдува предвидувањата на Нова демократија. Дека по неприфатливото отстапување на владата на Ципрас, на соседите, безусловно, да им ги отстапи наводните „македонски идентитет и јазик”, терминот „Северна” едноставно ќе избледи и ќе се заборави. Владата мора веднаш да реагира“, соопштуваат од најголемата грчка опозициска партија Нова демократија.
Од кабинетот на Јоргос Катругалос, министерот за надворешни работи на Грција, реагираа со соопштение по написите во медиумите.
„Нова демократија уште еднаш одбра да биде опашка на жолтиот печат што ја поддржува нејзината политика. Од очигледни причини за ситнополитичка употреба, одбира да го игнорира фактот дека целиот свет, соседната земја ја нарекува Северна Македонија, дека промени стотици имиња на институции и објекти за да одговараат на новото име и продолжува со тоа, и дека веќе од 15-ти мај е соопштено дека ќе ја промени туристичката кампања за да се усогласи со новото име“, соопштуваат од кабинетот на Катругалос.