Секој трет граѓанин на Србија има долг во банка од 1.163 евра

Граѓаните и компаниите во Србија сѐ повеќе се задолжуваат. Анкетата на Народната банка на Србија во банките за првото тримесечје од годинава покажала дека во овој период била зголемена побарувачката за кредити. Компаниите, претприемачите и граѓаните должат 2.372 милијарди динари. Најзадолжени се компаниите, со долг од 1.332 милијарди динари, граѓаните должат 989 милијарди динари, или секој трет граѓанин должи 1.163 евра. Најмалку должат претприемачите, 50 милијарди динари, покажуваат податоците на Здружението на банки.

И нивните последни податоци посочуваат дека долгот на граѓаните за готовински заеми го надмина оној за станбени, бидејќи за кеш кредити моментално долгот е 425 милијарди динари, а оној за покрив над глава 411 милијарди динари.

Сепак, со долг од 1.163 евра по жител, Србија е помалку задолжена во споредба со другите поранешни држави од некогашна Југославија.

Најбарани кредити во Србија биле оние за купување на недвижнини, за набавка на трајни потрошувачки добра, а на трето место се оние за рефинансирање на постојните обврски. Компаниите, пак, бараат заеми за финансирање на обртни средства, како и на капитални инвестиции. Во споменатиот период период најмногу се задолжувале малите и средни фирми.