
Болниците во Виница и Кочани добија нови автоматизирани болнички кревети од реномираната компанија од САД „HIL ROM“. Донацијата ја обезбеди Ротари клубот „Кочани – Виница“, а преку Владимир Лазаров, по потекло од Виница, кој работи во болницата „Краишклиник“ (Kreisklinik) од Еберсберг, Германија, од каде доаѓа и донацијата. Вредноста на донацијата е над 100.000 евра.
„Ротари клубот ‘Кочани-Виница’, преку своите активности постојано се стреми да помага и да придонесе за подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани. Ние покажуваме дека можеме и преку сопствен ангажман да поттикнеме развој и да дадеме свој придонес. Токму оваа донација е пример за тоа и искрено се надевам дека на овој начин ќе поттикнеме и други граѓани и организации да се активираат и да дадат свој придонес за да создадеме подобро место за живеење за сите нас“, истакна Јован Попов, претседател на Ротари клубот ‘Кочани-Виница’.
Новите современи болнички кревети ќе бидат распределени согласно потребите на болниците од Виница и Кочани, и тоа 40 во Кочани и 10 во Виница, со што значително ќе се подигне квалитетот на здравствената услуга и ќе се олесни престојот на пациентите во овие здравствени установи.
„Оваа донација е од исклучително значење за подобрување на состојбите во јавните здравствени установи. Навистина ми е драго што има и вакви и иницијативи што сакаат преку личен ангажман да дадат придонес за подигнување на квалитетот на здравствените услуги. Ние и понатаму ќе се залагаме за квалитетно јавно здравство“, истакна Венко Данчев, директор на Здравствениот дом Виница.