Најстарите траги за уживање канабис пред 2.500 години најдени во Кина

архивска илустрација

Истражувајќи древни гробишта на планините на Памир во западна Кина, научниците ги откриле досега најстарите докази дека канабисот поради неговите психоактивни својства бил консумиран и пред 2.500 години, објави претходно седмицава списанието Science Advances.

Ритуалите, коишто археолозите ги реконструирале врз основа на артефактите пронајдени на локалитетот во Ксинџијанг, се најстариот доказ дека канабисот се користел поради неговите психоактивни својства. Ова откритие го става канабисот во редот со јаболката, оревите и многу други култури кои еволуирале со векови до денешните форми по должината на Патот на свилата, вели Роберт Шпенглер, археоботаничар од Институтот „Макс Планк“ во Јена.

Постарата форма на канабисот, конопот, луѓето ја одгледувале и користеле за производство на масло од семките и за ткаенини од стеблото пред околу 6.000 години. Но тој коноп немал психоактивно дејство. Истражувајќи ги гробиштата во Јирзанкал, во близина на границата меѓу Кина и Таџикистан, на 3.000 метри надморска височина, археолозите откриле осум гробови и во нив десет големи дрвени садови со остатоци од камења и траги од оган. Садовите и јагленисаните камења биле анализирани со техниката хроматографија, којашто ја користи полицијата но сѐ почесто и археолозите, поради раздвојување на смесите.

„На наша голема радост, најдовме биомеркери од канабис и во прв ред хемиски супстанции со психоактивни својства“, вели Јумин Јанг, професот на универзитетот Академија на кинеските науки. Појаснува дека пронајдените молекули содржеле канабинол (CBN). Главната психоактивна состојка на канабисот е тетрахидроканабинолот (THC) кој во допир со воздухот станува CBN.

На археолошкото наоѓалиште се пронајдени и аглести харфи, инструменти кои се користеле во тој регион при погребите. Научниците заклучиле дека луѓето се собирале палејќи го канабисот и вдишувајќи густ халуциноген чад. Може да се нагаѓа дали уживале во чадот од канабис во текот на погребните ритуали за да комуницираат со природата, божествата или со покојниците, вели Јанг.

Постојат две теории за тоа како со текот на времето канабисот имал сѐ поголеми концентрации на THC. Според првата, со медотичен избор одлгедувачите го зголемувале процентот на THC. Доколку растението се одгледува на поголема надморска височина, тогаш во неа има и поголеми нивоа на THC. Според втората теорија, пак, канабисот е хибрид, растение добиено низ вековите со размена и вкрстување на различни видови.

Овие научни трудови допрва треба да придонесат за истражување на древното користење на опијатите. Во петтиот век пред Христа, старогрчкиот историчар Херодот опишал дека припадници на народите од касписките степи се собирале под мали шатори и палеле растенија во садови со вжештени камења. За митската супстанција која се нарекувала „сома“ се зборува и во древните хиндуистички текстови (Ведите), а во зороастризмот се споменува како „хаома“.

Патниците кои на древниот Пат на свилата ги раменувале своите култури и стоките, разменувале и растенија, па така и канабисот во заедниците кои живееле по должината на овој пат, бидејќи бил многу корисен и се одгледувал во централна Азија. За одговорот на прашањето кога луѓето ги откриле потенцијално активните психоактивни својства на канабисот, потребни се нови истражувања, се додава во студијата.