Израел го потврди името „Висовите на Трамп“ за доселеничка населба на Голан

Израелската влада во неделата ја потврди одлуката дека новата доселеничка населба на окупираната Голанска висорамнина ќе се вика според американскиот претседател Доналд Трамп во знак за неговото признавање на израелскиот суверенитет над оваа сириска територија.

Малку подоцна во неделата израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја откри плочата со новиот назив „Trump Heights” (Трамповите висови).

„Ќе продолживме да ги градиме и развиваме Голан во полза на сите наши жители Евреи и не-евреи, како и за иднината на целата земја“, рече Нетанјаху по состанокот на кој присуствувал и во американскиот амбасадор Дејвид Фридман. Но не прецизираше кога точно ќе започне изградбата на новата населба.

Нетанјаху во моментов ја води преодната влада, откако парламентот изгласа распуштање на парламентот откако тој како мандатар не успеа во дадениот рок да состави коалиција по изборите во април на коишто победи, но недоволно сам да состави влада. Новите избори би требало да се одржат на 17-ти септември.

Дневниот весник The Times of Israel цитира опозициски пратеник кој одлуката за новата населба на Голан ја нарече „необврзувачка, лажна политика“. „Нема ниту буџет, ниту планови, ниту локација за населбата, а ниту обврзувачка одлука за спроведување на проектот. Но барем беа истрајни на името“, рече пратеникот Зви Хаусер.

Американскиот претседател Доналд Трамп во март годинава го потпиша указот со кој САД официјално ја признаваат Голанската висорамнина за израелска територија, што претставува уште еден драматичен пресврт на децениските политики на Вашингтон кои ги заобиколуваа неговите претходници иако законите за тоа ги изгласа пред децении Конгресот. Таков беше случајот и со ланското признавање на Ерусалим како израелска престолнина и одлуката таму да се пресели американската амбасада од Тел Авив, што предизвика огорченост во арапскиот свет и критики од американските сојузници.

Израел ја зазема Голанската висорамнина во ткн Шестдневна војна од 1967 година, а до тогаш беше во составот на Сирија. Во 1981 година Израел ја анектирапе Голанската висорамнина и покрај противењата на Сирија и Обединетите нации кои не ја признаваат оваа анексија.