
Македонската ракометна репрезентација дојде до рутинска победа против Грција во последниот натпревар од квалификациите за ЕП 2020 година во Струмица со 27:23.
Нашата репрезентација и покрај слабиот почеток на натпреварот и негативата во поголемиот дел од првото полувреме успеа да направи пресврт и на полувреме да замине со предност од 13:11, а потоа предноста во вториот дел растеше и на крајот избраниците на Данило Брестовац дојдоа до убедлива победа од 27:23.
Првото полувреме не започна според очекувањата, грчкиот голман имаше три интервенции во низа, по што Грците го презедоа водството и го држеа се до 20. минута, а до половина од првиот дел имаа предност и од три гола разлика.
Сепак, тоа се промени во финишот од првото полувреме, а во вториот дел, со далеку подобра игра во одбраната и пред се во нападот, нашата репрезентација ја зголемуваше предноста, на моменти и со атрактивни потези покажаа кој е кој во светскиот ракомет, а општ впечаток е дека Македонија не се испоти премногу за да дојде до убедлива победа против јужниот сосед. Вреди да се истакне и одличниот настап на голманот Митревски кој успеа да собере 13 интервенции.
До крајот се играше рутинирано, шанса добија и дел од помладите ракометари кои одлично се покажаа пред струмичката публика.
Лазаров беше најефикасен со шест погодоци, по еден помалку имаа Талески и Пешевски, а Георгиевски и Маџовски завршија со по три гола.