Заев: Инвестициските можности на Северна Македонија се зголемуваат

„Инвестициските можности на земјата се отвораат и се зголемуваат. Агенцијата Фич го подобри кредитниот рејтинг на нашата земја од ББ на ББ+ и тоа е прво подобрување на кредитниот рејтинг на земјата после 13 години. Ова е потврда на квалитетот на економските политики и на одличните ефекти што тие ги даваат“, истакна премиерот Зоран Заев на панел дискусијата со премиерите на Србија и Албанија, Ана Брнабиќ и Еди Рама одржана во рамки на Форумот „Инвестициски можности во брзорастечкиот регион“, во организација на Фајненшал Тајмс посветен на земјите од Западен Балкан.

Тој рече дека Западен Балкан се разликува многу од периодот пред 10 години, земјите денеска работат на поврзување и на интензивирање на економската соработка што е добра причина инвеститорите да го препознаат овој дел од Европа како атрактивна бизнис дестинација.
Според последно објавениот извештај на Конференцијата на ОН за трговија и развој за инвестициите во светот, како што посочи Заев, странските директни инвестиции пораснале за 260 отсто од просекот во последните години и минатата година изнесувале 737 милиони долари и посочи дека економските индикатори се значително подобрени, намалена е невработеноста за 4,8 отсто, за осум отсто пораснато е индустриското производство, економскиот раст во првиот квартал изнесува 4,1 отсто, а ќе се работи посветено на негово забрзување.

Свои воведни обраќања на Форумот имаа директорот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти, кој ја оцени нашата земја како успешен пример на лидерство кое ги отвори перспективите за развој преку храбри одлуки. Регионалната директорка на Светска Банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер рече дека земјите од Западен Балкан треба да работат на забрзување на економскиот раст и ја наведе нашата земја како успешен пример бидејќи се наоѓа на десеттото место на Дуинг Бизнис, извештај на Светска банка.