„Атака“ со анекс на Договорот со Македонија

Доколку Скопје не се согласи да го прифати изменетиот договор, Бугарија може еднострано да го раскине, аргументираат од „Атака“.

Парламентот да го задолжи премиерот Бојко Борисов да изготви анекс на договорот на Бугарсија со Северна Македонија во кој ќе стои дека двете држави ќе се воздржуваат од секакви шпекулации и обиди за присвојување на историски настани и личности. Таков предлог поднесоа пратениците од „Атака“ во Парламентот, јавуваат бугарските медиуми.

Во анексот пишува дека одредени настани и личности ќе се прогласуваат за заеднички со одлука на комисијата, а други можат да бидат објавени дека припаѓаат единствено и само кон историјата на една од двете држави.

 

Предлогот има за цел со него да и се забрани на Северна Македонија до објавувањето на заедничките настани и личности „секакви шпекулации и обиди за присвојување“ на владетелите од цар Крум до цар Иван Владислав, сите историски личности поврзани со национално-ослободителната борба и борбата за обединување на бугарскиот народ во единствена држава во пределите на Бугарската Егзархија.

Не сакаме тензии, туку добра соработка. Целта на анексот е во иднина да спречи недоразбирања и поводи за тензии околу историски личности. Да ги чуваме сеќавањето и нашата историја и да не дозволиме со нив да се шпекулира, изјави лидерот на „Атака“, Волен Сидеров, додавајќи дека очекува поддршка на предлогот и од другите парламентарни групи.

Доколку Скопје не се согласи да го прифати изменетиот договор, Бугарија може еднострано да го раскине, аргументираат од „Атака“.