
Агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека речиси 71 милион луѓе се раселени низ светот во минатата година како резултат на војна, прогон и друго насилство. Најмногу бегалци има од Сирија, околу 6,7 милиони, а потоа следи Авганистан со 2,7 милиони. Според извештајот, бројката на раселени лица е за два милиони поголема од 2017 година и претставува највисока бројка во изминатите 70 години.
Во извештајот се вклучени бегалците, барателите на азил, внатрешно раселените лица, а во некои случаи и луѓе кои со децении живееле далеку од нивниот дом.
Претставувајќи го извештајот, високиот комесар на ОН, Филипо Гранди изјави дека тој сакал да го информира американскиот претседател и другите политички лидери дека е штетно за нив да ги прикажуваат мигрантите и бегалците како закана за работните места и безбедноста.