Суперкомпјутер за прецизна временска прогноза

Во 2020-та среднорочните метеоролошки прогнози ќе забележат огромен скок – во Италија пристигнува еден од најмоќните суперкомпјутери на светот, а ќе се бави токму со времето, пренесува „Франс прес“. Дом на суперкомпјутерот ќе биде Европскиот метеоролошки центар, италијанскиот град Болоња.
Меѓувладината европска метеоролошка организација ќе го користи суперкомпјутерот под наем во период од 4 години, а вкупниот предвиден буџет за тоа е 70 милиони евра, соопшти шефицата на Центарот – Флоранс Рабие. Суперкомпјутерот ќе може да анализира милијарди и милијарди податоци, и тоа во рекордно време.
За секое едно евро вложено во прогноза на времето, економската добивка е 10 до 100 пати поголема (од 10 до 100 евра), тврди Рабие, додавајќи дека најголемата исплатливост доаѓа од производителите на обновлива енергија, чие складирање е доста тешко и скапо.
Попрецизна метеоролошка прогноза, особено која се однесува на температурите, ќе значи и попрецизно менаџирање со производството и трошоците за производство на обновливата енергија, објаснува таа.
Метеоролошките прогнози бараат огромни компјутерски ресурси, бидејќи процесот подразбира обработка на големи бази на податоци. Прогнозите се прават врз основа на следењето на атмосферата, која за таа цел е поделена во милијарди замислени квадрати во просторот. Собраните информации од секој од квадратите потоа се трансформираат во физички равенки и математички модели.