
Министерот за здравство Филипче најавува зголемени плати за лекарите специјалисти со што се прави обид за нивно задржување во земјава. Моментално се анализира и пресметува колку пари од буџетот на државата треба да се издвојат за идната година да се оствари ветувањето за зголемување на платите.
„Во овој момент се прават пресметки за тоа колкава сума на пари од централниот буџет треба да се одобри и да се зголемат дополнително платите на лекарите специјалисти, со цел согласно нашите ветувања следната година да стигнат до 100 илјади денари. Не ги забораваме и медицински сестри и средниот персонал кој е составен дел во работата на сите јавни здравствени институции за зголемување и на нивните примања“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Незадоволни од Владата се и матичните лекари кои се уште работат според покачувањето од пред три години, со 55 денари капитациски бод.
Тие со месеци бараат реформи во примарното здравство и промена на принципот на наплата. Потсетуваат дека Владата вети капитацискиот бод да изнесува 90 денари, но од ветеното досега нема ништо. Ако не добијат покачување од по 20 отсто, на повеќето им се заканува клуч на врата, предупредуваат матичните лекари.
Инаку, според истражувањата кои ги спроведе Клубот на млади лекари меѓу студентите по медицина, дури 1.200 лекари на возраст до 35 години во последните неколку години ја напуштиле Македонија. Додека, речиси половина од студентите по медицина, паралелно со студиите почнуваат да го изучуваат и германскиот јазик, со цел својот професионален ангажман да го започнат во Германија.
Додека тече јавната дебата за новиот Закон за лекарска дејност, од Лекарската комора предложиле, зависно од докторска функција да изнесува и висината на плата, најмногу до 1.600 евра плата.