По десетина неуспешни, ќе има нов тендер за ХЕЦ „Чебрен“

После десетина неуспешни тендери, повторно се актуелизира речиси дведецениската идеја за изградба на хидроцентрала на Црна река. Владата најави дека ќе се надградува студијата за изградба на хидроцентралата и ќе се обновува тендерската документација. Овој проект вреден околу половина милијарда евра, повторно треба да заживее, во вид на јавно-приватно партнерство.

Како што беше речено денеска во Владата, по потпишувањето на Договорот со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), изградбата на хидроелектраната се очекува да почне догодина, а првите количини струја да потечат во 2025 или 2026 година со оглед дека се работи за голем, капитален проект.

Според вицепремиерот Кочо Анѓушев, заинтересирани инвеститори има многу, од регионот и од Западна Европа и сите се од енергетскиот сектор.

-Го оживуваме проектот „Чебрен“ кој е веројатно стар колку што сум јас и кој многу години и генерации го зборуваат. Но, променети се многу работи. Ценевме дека е разумно она што е досега направено да не го фрламе, туку да го искористиме, само да го надградиме, согласно актуелните околности на енергетскиот пазар. Предност е и тоа што нашата држава денес е многу постабилна од пред десет години и поради тоа многу поатрактивна за странските вложувачи’, истакна Анѓушев.

Апдејтирањето на студијата зад која стои ИФЦ, ќе се заокружи до октомври/ноември годинава по што, најави Анѓушев, до крајот на 2019-та ќе се распише и тендер. Тендерската постапка, пак, се очекува да заврши во првата половина од 2020 година.

„Чебрен“ ќе има можност за давање секундарна регулација или т.н. балансна енергија која има своја вредност, а тоа како проект ќе го направи уште поатрактивен за инвеститорите. Инсталираниот капацитет ќе биде флексибилен за компанијата инвеститор, но, сепак, не помал од 350 мегавати. Во јавното приватно партнерство, страната на државата ќе ја застапува ЕСМ.

Потпретседателката на ИФЦ за Европа, Централна Азија, Латинска Америка и Карибите, Џорџина Бејкер рече дека земјава има добар потенцијал за производството на хидро-енергија.

-Со нетрпение очекуваме да работиме заедно на изработката на проценката на проектот за „Чебрен“ кој претставува клучна иницијатива за подобрување на идната енергетска сигурност на земјата. Владата на Северна Македонија е со амбициозна цел, долгорочен економски развој, одржлив раст, креирање работни места, а ИФЦ сака да биде дел од тоа, изјави Бејкер.