
Иако, според најавата на премиерот Зоран Заев составот на неговиот подизменет владин кабинет требаше да го објави во петокот, тоа беше одложено за уште два дена, па неделата попладне е последната најава дека до Собранието ќе го достави предлогот со разрешените, но и со новите имиња на министри во неговиот кабинет.
Имињата на оние кои ќе бидат сменети и оние кои ќе бидат именувани досега не се потврдени. Според досегашните шпекулации, најеројатно станува збор за вкупно осум смени на министри, вклучително и со замените на ресорите, од кои тројца министри од СДСМ би биле заменети со нови.
Веќе познато е дека ќе има нов министер за земјоделие на месото на Љупчо Николовски, кој го наследи Александар Кирацовски на местото генерален секретар на СДСМ. За прв човек на земјоделие се споменува името на Гоце Георгиевски, земјоделски инженер.
На своите позиции повеќе од извесно е дека остануваат трите е министерки Радмила Шекеринска , Рената Дескоска и Мила Царовска, односно во ресорите одбрана, правда и труд и социјала. Се најавува смена во министерството за транспорт и врски, односно на Горан Сугаревски, и во министерството за здравство од каде треба да замине Венко Филипче.
Оставка поради здравствени причини поднесе министерот за култура Асаф Адеми, за негов наследник се споменува името на Хисни Исмаили, професор на Медицинскиот факултет и кадар на Алтернатива на Африм Гаши, што предизвика реакции со ресорот култура да раководи медицинско лице.
За местото во министерстово за животна средина и просторно планирање веќе извесно е дека нов министер ќе биде Насер Нуредини, кој ќе го замени досегашниот министер Садула Дураку. Овој, пак, треба да ротира во новиот ресор за политички систем, а Зоран Шапуриќ од ЛДП нема веќе да биде министер без ресор, туку ќе оди на друго работно место.
Лидерот на ЛДП, Горан Милевски, според шпекулациите, ќе го напушто пратеничкото место и влегува во владата на Заев како иден министер за локална самоуправа.
Доколку расправата во Собранието за новиот владин тим почне во понеделник, најдоцна утредента, односно во вторник, ќе се гласа. Веднаш потоа, како што најави Заев, ќе следуваат промени во вториот и во третиот ешалон, со кој треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.