Почина еден од најдобрите кошаркари во поранешна СФРЈ, Жарко Варајиќ

Еден од најдобрите кошаркари во поранешна Југославија, на сараевска Босна и југословенската селекција, Жарко Варајиќ, почина во 68-та година по долго боледување, објавија во неделата вечерта белградските медиуми.

Варајиќ ѝ припаѓаше на славната генерација на „студентите“ на сараевска Босна, којашто во 1979 година предводена од тренерот Богдан Тањевиќ стана шампион на Европа, а неговиот рекорд во Купот на европските шампиони, сегашната Евролига, од 45 коша на натпреварот против италијански Емерсон во финалето во Гренобл, сѐ уште не е надминат.

Жарко Варајиќ тогаш стана првиот капитен на еден кошаркарски клуб од поранешните југословенски простори кој го подигна пехарот за клупски првак на Европа, а меѓу бројните признанија е носител и на „Супер Оскар“, награда која беше наменета за најдобриот играч во Европа.

Со репрезентацијата на Југославија во 126 настапи освои сребро на олимпијадата во Монтреал во 1976 година, злато на Европското првенство во 1997 година во Белгија, и бронза на евробаскетот во 1979 година во Италија.

Роден во Никшиќ, освен за КК Сутјеска и Босна, играше и за Ал Аин од Обединетите Арапски Емирати.

По распаѓањето на СФРЈ беше ангажиран како функционер во Кошаркарскиот сојуз на Србија, како директор на репрезентацијата која ги освојуваше сениорските европско и светско првенство, и како директор во помладите категории чиишто селекции во една година освоија пет европски титули.

Варајиќ беше член на Олимнскиот комитет на зимските Олимписки игри во Сараево во 1984 година, претседател на Стручниот совет на Кошаркарскиот сојуз на СФР Југославија од 1987 до 1992 година, претседател на Програмската комисија на Олимписки комитет на СР Југославија од 1996 до 2000 година, и спортски директор на Олимпискиот тим на СР Југославија на Олимписките ири во Сиднеј 2000 година.