Самит на светските лидери во Осака

© REUTERS/Leah Millis

Светските лидери денеска се собраа во јапонскиот град Осака, на дводневен самит на Г-20, во време на зголемен број спорови и кризи, во кои се вклучени најголемите економии во светот.
Според Си-Ен-Ен се очекува зад затворени врати, да се разговара за опасноста од судир меѓу Вашингтон и Техеран и трговска војна на САД и Кина.
На маргините на конференцијата веќе се сретнаа претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин. В сабота Трамп ќе има средба со претседателот на Кина Си Џинпинг.
Трамп изјави денеска дека очекува продуктивна средба со Си, со кого ќе се сретне за првпат по седум месеци во време на тензии во трговските односи меѓу двете земји.
Запрашан, сепак, дали тој му ветил на Си шестмесечно суспендирање на царините, Трамп изјави дека не направил такво нешто. Многу членки на Г-20 се заинтересирани за исходот на средбата, бидејќи тој судир наруши глобалните синџири за снабдување и го успори глобалниот раст и ги натера централните банки да не ги зголемат каматните стапки.
-Трамп смета дека на средбата со Си може да види каква е позицијата на Пекинг и ќе биде задоволен со каков било исход, изјави висок американски официјален претставник, кој сакаше да остане анонимен.
Во јавноста кинеските власти велат дека ефектите од трговската војна се под контрола и дека не се брзаат да постигнат договор.
Американските санкции за кинескиот телекомуникациски гигант Хуавеј исто така, би можеле да бидат тема на разговорите на двајцата лидери.
-Примирје во трговскиот конфликт е поверојатен отколку договор, изјави Метју Гудман на Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон и поранешен советник на претседателот Барак Обама за меѓународна економија.
Меѓутоа, некои членови се загрижени поради фактот дека трговската војна меѓу САД и Кина би можела да ги засени напорите за решавање итни меѓународни прашања.
Домаќинот на состанокот, јапонскиот премиер Шинѕо Абе, сака во фокусот на самитот на Г20 да бидат реформите на Светската трговска организација, подобрување на позицијата на работниците и намалување на пластичниот отпад во океаните.
Тој, исто така, сака да разговара за глобалните правила за управување со податоци кои ќе овозможат заштита на личната и интелектуалната сопственост, со слободен проток на медицински, индустриски и не-лични податоци.
Но, САД веруваат дека Кина само ќе собира податоци и нема да ги сподели, изјави извор од јапонската влада.
-Нема многу теми за кои сите учесници можат да се согласат. Можеби намалувањето на пластичниот отпад е единственото подрачје во кое никој не се противи, вели изворот.