Копа Америка: Бранителот на титулата Чиле преку пенали во полуфиналето

Бранителот на титулата фудбалски првак на Јужна Америка, репрезентацијата на Чиле се пласираше во полуфиканелото на годинешниот издание на Копа Америка, откако ноќта кон саботата во бразилски Сао Паоло ја победи Колумбија со 5:4, по подоброто изведување на единесеттерците.

По регуларните 90 минути игра не беа постигнати погодоци, па следепе пенал серијата. Во првите четири серии, играчите на двете селекции беа прецизни, а тогаш во петтата Вилијан Ресиљо од Колумбија го промаши голот, а Алекс Санчез беше прецизен на пласманот на Чиле.

Селекцијата на Чиле, така, повторно се покажа како специјалист кога станува за ударите од белата точка, бидејќи последните две изданија на Копа Америка, во 2015-та и 2016-та, титулите ги освои, со подоброто изведување на пеналите во финалните дуели. И во двата случаи, губитник беше Аргентина.

Инаку, натпреварот во Сао Паоло доценеше 20 минути, бидејќи автобусот со репрезентативците на Чиле на пат кон стадионот се заглави во градскиот метеж. Но ниту тоа, не им попречи на Чилеанците да ја елиминираат Колумбија, којашто во фазата по групи беше единствената селекција која оствари максимален ефект од три победи, вклучителнои стартната од 2:0 над Аргентина.

Во полуфиналето Чиле ќе игра во Порто Алере ноќта од среда кон четврток против подобриот од дуелот меѓу Уругвај и Пери, кој се игра вечерва од 21 часот во Салвадор.

Првата полуфинална двојка ја сочинуваат домаќинот Бразил и Аргентина, кои ќе се соочат ноќта од вторник кон среда во Бело Хоризонте. Бразил во четвртфиналето го елиминираше Парагвај со 4:3 по изведувањето на пеналите, додека Аргентина со 2:0 ја совлада Венецуела.