
Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна во демилитаризираната зона со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, се ракуваше со него а потоа ја премина линијата која ги дели двете Кореи, јавија светските агенции.
Со тоа Трамп стана првиот американски актуелен претседател кој стапнал на територијата на Северна Кореја. „Да се помине таа линија е голема чест, голем напреодк е постигнат, големо пријателство е склучено“, кажа тој.
Тој пешки ја мина границата меѓу Северна и Јужна Кореја во селото Панмунџом, каде било потпишано примирјето во 1953 година.
Северноморејскиот лидер изгледаше опуштено и задоволно додека разговараше со Трамп.
„Ова е израз на неговата волја да работи на нова иднина“, кажа Ким.
Тој истакна дека би му била голема чест Трамп да ја посети неговата престолнина Пјонгјанг, додека американскиот претседател го повика Ким во посета на Белата куќа.
Ова е трета средба на двајцата лидери од нивниот историски самит во јуни минатата година и неуспешната средба во февруари во Ханој.
Оваа средба веројатно нема да биде доволно за решавање на чувствителното нуклеарно прашање на Северна Кореја, но е симболички важно за двете земји кои пред година и пол една на друга си се закануваа со уништување.