Продолжен самитот на ЕУ по консултациите кои траеја цела ноќ

EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Челниците на земјите членки на Европската унија повторно се собраа во понедленикот утрото на пленарна седница, откако цела ноќ минаа во билатерални консултации околу именувањата на новите шефови на европските институции.

Претедателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во текот на изминатата ноќ разговарал поединечно со сите челници на земјите членки и потао ги повика на заеднички работен појадок кој започна во 8 часот според локално време во Брисел.

Во неделата попладнето, пред почетокот на самитот што доцнеше речиси три и пол часа, холандскиот социјалдемократ Јан Тимерманс се јави како фаворит за позицијата претседател на Европската комисија, чиј потпретседател досега беше. Тоа беше резултат на „пакетот“ оформен во текот на консултациите на маргините од самитот на Г20 во Осака. Тој содржеше компромисен предлог да се има согласност за изборот на Тимерманс на позицијата претседател на ЕК, како предлог на групацијата на социјалдемократите, која во Европскиот парламент по мајските избори е втора зад конзервативците од Европската народна партија (EPP).

Според инфорамциите коишто во понеделникот рано претпладнето ги објави порталот Politico.eu, зад оваа идеја стои поранешниот претседател на Европскиот парламент, германскиот социјалдемократ Мартин Шулц. Според оваа замисла, Тимерманс би бил претседател ЕК, а фаворитот за таа позиција на германската канцеларка Ангела Меркел баварскиот демохристијански политичар Манфред Вебер од EPP, би го добил утешното место претседател на Еропскиот парламент. Според пишувањето, наводно, оваа идеја ја прифатиле Меркел и Вебер, а тоа било сторено за да се спаси концептот на „шпиценкандидат“. Меѓутоа, оваа идеја не наиде на добар прием во самата EPP, каде мнозинството инсистира дека ним како победници им припаѓа позицијата претседател на ЕК.

Вонредниот самит кој започна во неделата е третиот обид во последните два месеца да се постигне компромис за пакетот номинации за клучните функции во евроструктурите, откако на редовниот самит одржан на 20-ти и 21-ви јуни европските челнции не успеаја да постигна договор за именувањата во новиот институционален циклус. Лидерите на ЕУ треба да се договорат за „пакетот“ за именувањата на челниците на Европската комисја, Европскиот совет, Европскиот парламент, претседателот на Европската централна банка (ECB) и високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Ова мора да се направи пред почетокот на пленарната седница на новиот состав на Европскиот парламент закажана за 2-ри јули. Последниот пат кога во 2014 година се избираа новите челници на европските инстиции беа потребни три месеца и три самита..