Судот не виде кривично дело за викендичката на Латас, СЈО најави жалба

По две години судење за случајот на СЈО против новинарот Драган Павловиќ Латас и неговите двајца браќа за трите викенд куќи во Зелениково,судијката Марија Клетничка донесе ослободителна пресуда.

Изрекувајќи ја одлуката судијката образложи дека во 2013 година браќата побарале и добиле градежни дозволи за веќе изградените куќи и никој не побарал поништување на тие одобренија, а трите викенд куќи сега се веќе заведени и во Катастарот за недвижности.

Судијката Клетничка рече дека делото за кое тројцата се обвинети не е кривично дело според законот. Градежните инспектори по службена должност можеле да ја спречат изградбата, а ако проценат дека не е испочитуван Законот за градење можеле да изречат и прекршочни глоби или да поднесат кривична пријава за бесправно градење. Трошоците за судењето треба да ги плати државата.