
Древните Филистејци,чиешто потекло со децении претставуваше мистерија за научниците, дошле на Блискиот исток од јужна Европа пред повеќе од три илјади години, покажува новото истражување на ДНК промероците извлечени од коските најдени во гробница во израелскиот град Ашкелон, пишуваат генетичарите во студијата објавена седмицава во научното списание Science Advances.
ДНК анализата е изведена на коските коишто археолозите ги пронајдоа во Израел во 2016 година.
Филистејците во Библијата се опишани како најголемите непријатели на Израелците. Џинот Голијат бил Филистеец, како и Далила поради којашто страдал митскиот израелски воин Самсон. Поради нивната лоша репутација, нивното име стана синоним за нецивилизираност. И покрај тоа што се познати, од каде дошле пред да се населат во областите кои сега се јужен Израел и Газа останува мистерија. Има различни теории, од тоа дека претците им се од браговите на Егејското Море или северен Левант или дека се всушност локална древна култура.
„Жителите на Ашкелон биле многу поразлични од другите жители на Левант на почетокот од железната ера. Тие дошле тука во приближно исто време кога и библиските Филистејци. Најверојатно нивната прататковина била југот на Европа, но попрецизно ќе можеме да кажеме дури откако ќе најдеме нови примероци на ДНК“, истакнува Михал Фелдман од Институтот за проучување на историјата на човештвото во германска Јена.
„Нашата студија покажа првпат дека Филистејците дошле во овој регион во XII век пред Христа“, вели Даниел Мастер, кој го води археолошкиот тим кој од 2016-та работи во Ашкелон, крајбрежен град во кој се откриени првите филистејски гробишта.
Повеќе од сто примероци од скелетите беа испратени во германскиот институт „Макс Планк“. Иако ДНК анализата сугерира дека потекнуваат од јужна Европа, сепак, треба да се земе предвид дека постојат некои ограничувања поврзани со тестирањата на 3.000 стара ДНК, додава Фелдман, која е архео-генетичарка која работела на студијата.
„Компонентата наследена од предците потекнува од Европа, или пококрентно од јужна Европа, така што предците на Филистејците морале да го минат Средоземјето и да дојдат во Ашкелон некаде околу крајот на бронзената и почетокот на железната ера. Многу повеќе би можеле да кажеме доколку имавме уште податоци, би можеле, на пример, попрецизно да укажеме на изворот на оваа миграција“, истакнува Фелдман.
Филистејците, судејќи според изворите од библиските времиња, биле еден од „народите од морето“ на древните Египќани, ткн Пеласги, кои безуспешно се обидувале да го заземат Древни Египет. Тие биле потиснати, или раселени по територијата на денешна Палестина откако биле победени од фараонот Рамзес Трети во XII век пред нашата ера.
Еден од најголемите градови на Филистејците била населбата Гат, родното место на митскиот Голијат. Таа постоела до VIII век пред Христа, кога била уништена од Хазел, царот на Арамеја. Портите на овој град, како и десетици филистејски гробишта, беа откривани изминатите децении во Израел.
Пред три години археолозите од Универзитетот Харвард, предводени од професорот по израелска археологија Лоренс Стагер, објавија дека откриле уште една гробница на Филистејците пред портите на израелскиот град Ашкелон, каде што биле погребани повеќе од двесте припадници на овој древен народ. Американските научници претпоставуваат дека успеале да најдат најстари траги од Филистејците во историјата. Гробиштата, како што покажала радиојаглеродната анализа, настанале во XI век пред нашата ера. Нивните израелски колеги, пак, се сомневаат во тоа, имајќи предвид дека пронајдените артефакти носат траги од феникиската култура, што доведе до уште една голема научна дебата.
Пред неколку години во ова научно спорење се вклучи и тимот палеонтолози, предводени од Јоханес Крузе, еден од најпознатите светски научници ткн „некроманти“ кој го утврди геномот на древните Микенци, жителите на островот Крит, древните Египќани и многу други народи од антиката.
Ставајќи се на страната на археолозите, генетичарите избраа стотина коски, меѓу кои и останки од бебе, и од нив извадиле фрагменти од ДНК и се обидоа да го утврдат геномот на жителите на древниот Ашкелон. Генетскиот материјал бил сочуван само во десет од нив, но тоа било доволно и за откривање на „личноста“ на жителите, како и за потрагата по нивните ронини.
Како што се покажало, жителите на овој град воопшто не биле слични на другите народи кои живееле на Левантот и на целата територија на Блискиот исток. Генетски, тие биле поблиски до древните жители кои ја населувале територијата на денешна Турција, до античките Грци и другите европски народи, отколку на древните Израелити и Феникијци.
Она што е поинтересно е дека сите „европски“ траги најдени во геномот на Филистејците, исчезнале од генофондот буквално во текот на два века. Мигрантите од Европа, како што истакнуваат научниците, буквално биле „претопени“ меѓу жителите на Блискиот исток и не оставиле траги меѓу современите народи на Левантот.
Сепак, сево ова укажува дека критичарите на Стегер и неговиот тим згрешиле, имено жителите на Ашкелон навистина биле Филистејци, потомци на „народите на морето“, а не Феникијци или локално население, кои ги прифатиле нивните обичаи.
„Судејќи според летописите од тоа време, жителите на Ашкелон останале ‘Филистејци’ за соседите. Истовремено, тие повеќе не се разликувале генетски од нив, најверојатно поради тоа што честопати влегувале во односи и формирање семејства со домародното население од регионот“, заклучува Даниел Мастер, актуелниот шеф на научната експедиција, кој го замени на оваа позиција Стегер по неговата смрт во декември 2017 година.
Филистејците биле „народ од морето“, назив кој се користи и за нивните современиците Феникијците, а Библијата ги опишува како смртни непријатели на Израелците. Трговци и морепловци, зборувале со јазик од индоевропско потекло, не практикувале обрежување и јаделе свинско и кучиња, за што постојат докази на други наоѓалишта во уште четири филистејски градови: Газам Гат, Ашдод и Екрон.
По откритивањето на нивните гробишта од 2016 година, професорот Стегер изјави и дека Филистејците имаат репутација на „нецивилизирани пијаници“, но тврдеше дека всушност станува збор за многу културен народ, специјализиран за производство на вино и масла. Бидејќи нивната култура ја опишувале непријателите, ги претвориле во дивјаци. Оттаму доаѓа и модерното користење на изразот „филистеец“ (филистар) за некултурна личност.
Филистејците, всушност, се најпознати од Стариот завет, од текстовите кои ги пишувале нивните соседи и најголеми непријатели, древните Израелци. Книгата на Самуел опишува како Филистејците го заплениле Ковчегот на сојузот и потоа и двобојот на гигнатскиот воен Голијат и истриот Давид кој го победил со камен од прачка.