
Со многу забава, штандови за дегустација на познатиот пенлив пијалак и вкусна скара, со голем број познати изведувачи од земјава и од регионот, со новини и во сигурна атмосфера вечер во центарот на Прилеп официјално ќе биде отворена 17-тата по ред голема летна манифестација „Пивофест 2019“.
Организаторите, прилепската локална самоуправа и скопската фирма „Баги комуникации“ уверуваат дека сите гости и посетители кои ги очекуваат во голем број ќе имаат четиридневна врвна забава и весела атмосфера.
Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, се е подготвено за почетокот и за четиридневното одржување на оваа летна манифестација по која Прилеп станува препознатлив во регионот.
-Подготвени сме за почетокот на годинашниов „Пивофест“. Безбедносната ситуација во градот е одлична, максимално се ангажирани јавните комунални претпријатија. Годинава новото решение е дека ќе се паркираат возилата од периферијата кон центарот на градот за да има слободно движење за гостите и посетителите. Подготвен е и камп -просторот во Паркот на Револуцијата, рече Јованоски на денешната прес-конференција.
Во четирите фестивалски дена ќе настапат познати музички изведувачи од земјава и од Регионот. Вечерва ќе настапат: „Прилепски еснаф“, дуетот Селимова-Желчески, Ѓорѓе Давид и Ивана Негатив, а вечерта ќе заврши со настапот на рок-групата „Галија“. Утревечер, на 19 јули ќе настапат: Ален Хасановиќ, Миле Кузманоски, Кантурови и на крајот Светлана Ражњатовиќ-Цеца.
В сабота, на 20 јули, термините за добро расположение на гостите на Фестивалот се за изведувачите „The Hounds“, Влатко Стефановски-трио, Фрајле, а в недела, на 21 јули, на последниот ден од Фестивалот настапуваат „Бен Хур“, „Кал Бенд“ од Блеград кој изведува џипси-рок низ цел свет, ќе настапи балканската ѕвезда Даниела Мартиновиќ и на крајот е настапот на „Cyrillic“.