
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска се сретна со вработените од градинките во Клуб на пратеници, кадешто беше презентиран новиот систем за плати.
„Почнувајќи од јунската плата стручниот кадар доби зголемување во просек од 16 проценти што е околу 3.000 денари во нето износ по вработен. Во септември годинава вработените во детската заштита ќе добијат и уште едно зголемување од 5%. Со тоа вработените во детските градинки во Република Северна Македонија добиваат покачување на платите за 21%, коешто е најолемо до сега“, изјави Царовска.
Нето платата на воспитувач со високо образование се зголемува за 16,26% односно од 20.546 денари на 23.731 денар, а со пресметан минат труд за вработен со 15 години стаж ќе изнесува 25.511 денари. Зголемувањето на платите се прави согласно Законот за вработените во јавниот сектор и со него ќе бидат опфати 3.138 вработени од вкупно 4.577 вработени односно 68,5%. Во оваа група влегуваат воспитувачи, негователи, стручни работници и стручни соработници-педагог, психолог, логопед, дефектолог и други за вршење на работи поврзани со дејноста згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Истовремено се зголемуваат и платите на помошно техничкиот пероснал во градинките и ова покачување е утврдено со колективниот договор.
Заложба на МТСП е опфатот на деца во предучилишно образование да се зголеми за 50%. Во изминатите две години се отворени 24 нови објекти, а досега се обезбедени 1.400 согласности за вработувања во градинките. За изградба на нови градинки годинава МТСП издвои 300% поголем буџет од лани, а за оваа намена се достапни и 15 милиони евра од Светска Банка.