
Kатица Јанева побарала од вработените во ИТ-секторот да спроведат т.н. „форензичко бришење“ на компјутерите во Специјалното јавно обвинителство, објави „360 Степени“.
Наредбата од Јанева била дадено усно и според изворите на „360 Степени“, веќе биле преземени подготвителни активности за да се спроведе. Постапката требало да ги опфати сите компјутери во ова обвинителство.
Барањето за бришење на компјутерите се случува во период во кој ОЈО за гонење организиран криминал и корупција води истрага во случајот „Рекет“ во кој засега не е осомничена, но е имплицирана и шефицата на СЈО, Катица Јанева. Иако постапката на „форензичко бришење“ нема да ги загрози документите што постојат во компјутерскиот систем на СЈО, сепак, неповратно ќе ги избрише податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено.
За прибирање докази во овој случај, Русковска побара да и се одземат телефоните на Катица Јанева. Според ОЈО, Боки 13 го користел влијанието врз Катица Јанева за да олесни положба на осомничени во постапката „Империја“ која ја води СЈО.