Законот за јавно обвинителство на собраниска седница на 27 август, власта и опозицијата се разидуваат

Законот за јавно обвинителство со европско знаменце по скратена постапка пратениците ќе го разгледуваат на првата седница по завршување на летните одмори којa спикерот на Собранието, Талат Џафери, ја закажа за 27 август. На седницата ќе се разгледува законското решение предложено од Владата.  На оваа седница власта очекува поддршка и од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, без да ги коментираат нивните предлози.

ВМРО-ДПМНЕ пак својот предлог закон за јавно обвинителство кој го презентираше вчера до Собранието ќе го достави следните денови. Меѓудругото опозицијата бара сите предмети отворени до законскиот рок да ги превземе државниот јавен обвинител Јовески, но и детална истрага за сите специјални обвинители кои подоцна ќе може да конкурираат и за повторен избор. На премиерот Заев му порачаа да не ни помислува овој закон да го донесе без консензус.

„Бараме детална истрага за срамниот случај „Рекет“, проверка на инволвираноста на Катица Јанева, дали и колку е инволвирана во целиот случај, која е нејзината релација и врска со двајцата осомничени кои се наоѓаат сега во притвор, но не и помалку значајна нејзината релација со определени псевдоними за кои што јавноста веќе шпекулира, а кои што се дел од раководството односно од врхушката на власта на СДСМ. И врапчињата веќе знаат кој се е вмешан во „Рекет“, само Јавното обвинителство во моментов молчи и не презема никакви чекори. Дури потоа обвинителите од СЈО ако не се инволвирани во случајот „Рекет“ ќе може да конкурираат за во новото обвинителство притоа исполнувајќи ги другите услови кои што ќе бидат поставени и согласно законите кои што ги предвидуваат за јавен обвинител“, порача Арсовски.

И покрај тоа што предлог законот на владата е со европско знаменце, сепак, за негово донесување ќе биде потребна поддршка од најмалку 80 пратеници кои владејачкото мнозинство се уште ги нема обезбедено.

Јасни пораки дека овој закон е клучен за европските перспективи на земјава испратија и САД и Брисел.