ВМРО-ДПМНЕ: Инструментите на власта Заев ги користи за воспоставување режим

Методите коишто Зоран Заев ги користи преку инструментите на власта врз целокупната држава и народ се доказ дека во земјава навистина владее режим, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од најголемата опозициска партија истакнуваат дека единствениот крик којшто вчера го испушти Македонија на најголемиот македонски празник Илинден, е крикот за ослободување од „канџите на криминалната власт на којашто ништо не ѝ е свето“.

„Народот е жртва на криминали, рекети, сиромаштија, репресии и заплашувања. Секојдневно се спроведуваат методи за казнување на граѓани кои што не се согласуваат со владеењето на СДСМ. Секојдневно сме сведоци на омаловажување на македонскиот народ и познатото „виткање на кичма“.

Во објавата се истакнува дека првпат во историјата на независна Македонија, најголемата опозициска партија беше спречена да положи венец од цвеќе пред споменикот Македониум на гробот на Никола Карев во славно Крушево. Исто така, првпат е нарушена долгата традиција опозицијата да е во првиот ред на прославувањето на Илинден

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ со оваа постапка покажа непочитување кон партиите во Македонија и политичка незрелост.

-Со такви деструктивни потези, Зоран Заев се повеќе не оддалечува од Европската Унија. Го навредува и понижува народот, ја уназадува економијата и го закопува политичкиот дијалог, отварајќи бездни во системот на државата. За Зоран Заев нема да постои доволно долга казна за да може да му се извини на народот во Македонија за злоделата кои му ги направи. Неговото блескање е само во неговата фантазија. Македонија живее во бедната реалност во која ја клекнаа. Заев мора да си замине за да заврши оваа трагедија, се потенцира во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.