
Десет лица, меѓу кои и осомничениот напаѓач, се убидени во пукање во градот Дејтон во американската сојузна држава Охајо, а притоа ранети се уште шеснаесет лица, соопшти во неделата локалната полиција.
Напаѓачот од огнено оружје отворил оган врз посетители во кафуле во квартот Орегон во Дејтон. Овој напад се случи само неколку часа по смртоносното пукање во Тексас во кое беа убиени 20 луѓе, а 26 ранети.
Полицијата добила дојава околу 1,20 часот утрото по локално време во кафулето „Ned Peppers“ на улицата „East Fifth“, а на снимките и фоторграфиите од местото на злосторството се забележуваат бројни возила на итната помош, но и борни возила на полицијата.
Локалната телевизиска станица WHIO-TV објави дека добила потврда оти полицијата го застрелала напаѓачот. Неговиот идентитет не е соопштен.
Властите не објавија засега никакви поединости од пукањето во округот Орегон, историски кварт препознатлив по ноќните клубовим, барови, уметнички галерии и продавници.