
Тоа е храбриот нов свет. Што ни го понуди оваа власт како замена за „режимот“. Спакувани евра во „Луи Витон“ торба. Како запиша еден новинар во раните деведесети: и кога крадат на СДСМ им личи. И им личи. Криминалот отсекогаш им личел. Им личеа фри шоповите во почетокот на деведесетите, најголемиот грабеж во историјата на Македонија, преку приватизацијата, кршењето на ембаргото кон Југославија, шверцот со нафта, штедилницата ТАТ… Им личеше и продажбата на знамето и името, тепањето на Албанците на Бит пазар, во Гостивар, Мала Речица, прислушуваните разговори во 2001, предавството на Карпалак, па дури и погибијата на Претседателот Трајковски. Особено им личеше неговиот погреб. А, богами им личеа и бомбите. И оној шарен перформанс со кој ги испоганија институциите на државата.
И не само што им личи, со годините успеаја криминалот и корупцијата да го подигнат на повисоко ниво. Слушајќи го гласот на корупција и изнуда и гледајќи ја сликата на „Рекет“ и неговите актери, сфаќате дека со годините во секој поглед напредуваат се повеќе. Стануваат се повешти, пософистицирани и побескрупулозни во криминалот и корупцијата. Кој пак, за воља на вистината, успеаја да го издигнат на ниво на уметнички перформанс. Покажаа дека во нивниот ребрендиран свет се’ има цена во марки, евра, долари, а богами и други валути и дека се може да се купи и поткупи. Знаме, јазик, нација, држава, име, нема што не може да се продаде и корумпира. Зашто тие се државотворни. Нивно е царството земско. Северно македонско.
Велат дека првиот знак на затупеност и глупавост е отсуство на срам. Колку што помнам СДСМ никогаш го немале. Можеби зашто мислат дека државата тоа се тие. Кој ќе ги знае. Затоа не го видовме кај прозваните во аферата „Рекет“. Лежерни и расгаќени. Пред камери и на грчки плажи. Но, затоа повторно ја видовме онаа наделеку позната ароганција, како обид да се избегне соочување со криминалот. И правдата. Глупост, ароганција и алчност. Тоа е историјата на криминалот и корупцијата на државотворната партија денес. Толку од правно неписмениот македонскиот Елиот Нес. Толку од театарот што со години ни го приредуваат македонските „чарлиеви Ангели“. Толку од нивната правда. Која богами слушаме и гледаме дебело кошта.
После се’ што видовме и слушнавме последниве денови Ве молам да престанете да ја ослободувате заробената држава. Зашто кошта. Дај направете нешто да ја смениме хибриднава држава која ја устоличивте. Корумпирани медиуми, рестартирани фабрики за (де)зинформации, анти интелектуализам, медиокритетство и непотизам, до лични сатанизации и маргинализација на секој што е интелектуална и слободоумна закана за деструктивната политика на власта. Тоа е хибридната држава што ни беше понудена како замена на „режимот“. Блескави илузии за правна држава и правда на реформатираните комунисти.
Затоа и блесна македонскиот Џери Спрингер, Боки 13. Реалноста што ја креираа бараше и и’ фалеше уште „цар“. Го доби во Боки 13. Пародија на невкус и кич. Устоличена од сегашното ново реформатирано и ребрендирано карневалско СДСМ. Долг е патот кој го изоде оваа партија до дојде до ова дереџе. Не дека не била порано, но денес е покорумпирана и поигнорантска од кога било порано.
Чудно. Молк од оние што отруени од желбата за одмазда повикуваа на јавен линч за функционерите на поранешната владеачка номенклатура. Оние што гордо ги шетаа маичките со логото на СЈО и бараа правда за да има мир во државата. Оние што се подмочуваа на серијалот глупости што ги говореа ново промовираните звезди на системот на криминална правда во земјава. Што се палеа на чадот на запалената цигара, црвениот кармин и песните на Аца Лукас. Што паѓаа во транс и занес кога јавно се сатанизираа луѓе на основа на незаконски прислушувани разговори. Кој ќе мисли за правна држава и владеење на правото кога треба да се уништи „политичкото зло“, што ги потсеќаше на нивната немоќ и фригидност да си ја сакаат сопствената држава. Затоа правото стана шарено. Го обоија во боите на глупоста. Таргетираната цел беа „простите и немиените“, оние од ВМРО, за разлика од нив софистицираните, уметничко и естетско профилирани шарени чувари на наследството на нивните родители. Кои патем се симнаа од планините на времето (колку за потсетување). Во виртуелно генериран свет превлечен преку нивните очи останаа слепи за вистината.
Јака ми ти држава кога стигнавме една Катица Јанева и Боки 13 да ни го обликуваат домашниот јавен и политички живот. Од нив да зависило дали една влада ќе падне или не. Очај. Незнам кој нормален имал очекувања дека еден лик со скромни интелектуални капацитети, што едвај завршил правен факултет, што не може да состави просто проширена реченица и што се импресионира од вечери, приеми и седенки по амбасади ќе биде способен да испорача правда во општеството. Да му дадеш на чување незаконско прислушувани материјали на ваков лик е како на лопов да му дадеш клучеви од сеф каде се чуваат парите. Затоа не сум нешто изненаден од ова што ни се случува. Но, не можам да го споделам оптимизмот на фејзбук Министерот за надворешни работи за по дома, дека „ќе не биде и покрај се’ и заради се“. И дека не требаме да „тонеме во разочарување и очај и да ја храниме самопоразувачката енергија дека од нас не бидува ништо“. Па, како да не’ биде кога оваа држава ја положивме и заложивме на „интегритетот, знаењето, посветеноста, храброста, потта, солзите и луцидноста“ на нашата бескомпромисна и бестрашна специјална јавна обвинителка. Тоа е разочарувањето и очајот. Господ да чува. Синдромот на Доријан Греј е самоуништивачки за оваа држава. Држава со вакви ликови не бидува. Затоа разлаз.
Гаќите се паднати. Што ќе падне следно ќе видиме.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес