
Кинеските власти искористиле речиси илјада налози на Твитер и во помал степен на Фејсбук за да ги дискредитираат и да сеат раздор меѓу продемократските демонстранти во Хонг Конг. Тоа го соопштија двете социјални мрежи.
Твитер укинал 936 налози поради „координирана оперaција поддржана од влада на држава“. Потегот на Твитер е преземен по интензивна истрага на работата на налози.
Пораките на Твитер најчесто биле преземани од кинеската државна новинска агенција Синхуа. Компанијата соопшти дека кампањата за дезинформации е дизајнирана да „сее политички раздор во Хонг Конг, вклучително и поткопување на легитимноста и движењето на политичките протести на теренот“.