13.8 C
Skopje
вторник, март 4, 2025

И Македонија бара учество во изградбата на нуклеарката „Белене“

Државната компанија ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) испратила писмо за намери за учество во проектот за изградба на бугарската нуклеарна централа „Белене“. Информацијата денеска ја изнесе бугарската министерка за енергетика Теменушка Петкова.

Според бугарски медиуми, македонското ЕСМ е едно од 13 – те компании што се пријавиле на повикот објавен во Службениот весник на Европската Унија во мај годинава. Седум од пријавените компании сакаат да учествуваат како стратешки инвеститори во изградбата на нуклерката „Белене“, вклучувајќи ја руската компанија „Росатом“, кинеската „ЦННЦ“, Корејската хидро – атомска корпорација, конзорциумот АЕЦ „Белене“, конзорциумот „Електроцентрала Белене“, германската „Бектрон Карлсруе“ и бугарските „ИПК“ и „УП ЕООД Бугарија“.

Бугарската министерка Петкова потврди дека две други апликации биле доставени од „Џенерал електрик“ и „Фраматом“ за обезбедување на опрема за идната нуклеарна централа. Конечно, четири писма за намери биле испратени за склучување договори за купување електрична енергија и за учество во малцински удел во проектот од македонската „ЕСМ“, „European trade of energy Bulgaria“, „Energy distribution“ и „Енергомонт“.

Листата на заинтересирани компании за учество во изградбата на нуклеарната централа „Белене“ треба да биде готова во рок од 90 дена, по што ќе биде распишан официјалниот тендер за поднесување на понуди. Целокупниот проект ќе треба да се гради по пазарен принцип, без државна гаранција и без долгорочно купување на електрична енергија. Бугарската држава ќе учествува во проектот „Белене“ преку Националната компанија за електрична енергија.

Нуклеарната централа „Белене“ се планира да се гради во северниот дел на Бугарија, во близина на Дунав, за да ги замени реакторите на нуклеарната централа Козлодуј, кои се повлечени од употреба како дел од исполнувањето на условите за влез на Бугарија во Европската унија.

Во 2010 година, бугарската влада го замрзна овој проект на неопределено време поради неизвесната профитабилност. Според новите планови на владата во Софија, нуклеарката би требало да биде изградена во наредните 10 години, а би чинела околу 10 милијарди евра.