Романија на прво место во ЕУ според смртни случаи во сообраќајки

 

Според Генералниот директорат на Европската комисија за мобилност и транспорт, кој води евиденција за смртни случаи во сообраќајот во сите земји-членки на ЕУ, Романија е на првото место, со 96 мртви лица на милион жители. Втора е Бугарија со 88 мртви, трета е Латвија со 78, а четвртата е Хрватска со 77 мртви на милион жители. Следат Полска (76), Унгарија и Грција (64).

Како што може да се види, земјите од Источна Европа се веројатно најлоши во однос на смртноста од сообраќајки. За споредба, просекот на ЕУ во 2018 година беше 49 смртни случаи на еден милион население, при што на Велика Британија ѝ отпаѓаат само 28 смртни случаи. Данска (30), Ирска (31) и Холандија (31) исто така имаат далеку побезбедни патишта.

Како што наведува веб-страницата на Европската комисија, постојат очигледни разлики помеѓу земјите-членки со пониски и со повисоки приходи, односно помеѓу северозапад и југоисток на ЕУ. Може да има повеќе причини за ова: разликата во квалитетот и возраста на возилата на патиштата, подоброто дизајнирање на патиштата и построгото спроведување на сообраќајните прописи.

Смртните случаи на патиштата ширум ЕУ стабилно опаѓаат во последните години.

Како што покажуваат податоците на „Евростат“, додека во 2007 година вкупниот број на смртни случаи во сообраќајни несреќи во сегашните 28 земји-членки на ЕУ беше околу 43 илјади, а во 2017 година падна на околу 25 илјади. Тоа е пад од 41% за 10 години.