
Непознатата цена за грозјето и наталожените проблеми во лозарството ќе ги изнесе на улица лозаропроизводителите од Тиквешијата. Од здружението „Напредни лозари“ најавија дека во петок во 20 часот ќе го искажат својот револт, како што велат, од погубната политика во лозарството.
Бараат повисоки цени од тие што им ги понудиле визбите на состаноците. Обвинуваат дека само во Македонија визбите остваруваат екстра профит на штета на лозарите. Цените на грозјето насекаде во регионот, па и во Европа биле неколку кратно повисоки.
„Да не забораваме дека владата пушти 1,5 милиони евра за стари долгови од визбите., Со тие субвенции преживуваме. Ако не се тие, ние сме во тотален хаос. Треба ли ние како земјоделци да заработиме или да го сработиме грозјето и да им го дадеме за бадијала на визбите. Ако набереш 2 тона од декар тоа е грозје со 10 малигани. Кој ќе ни го го купи? Од еден декар 1 тон по 11 денари, ќе добиеш едвај 500 евра. За да го набериш тоа грозје потребни се 5 аргати. Тие ги плаќаме по 1200 денари. Потребни се пари за ѓубре, за водарина, за средства за заштита. Па пресметајте сами колку чини килограм грозје“ – вели Трајче Кулев, претседател на „Напредни лозари“.
Лозарите на денешната прес-конференција посочија дека цените што ги понудиле визбите годинава биле вешта манипулација преку шеќерните единици. Со тоа грозјето се плаќало поевтино споредено со лани и за 3 денари по килограм. Лани за сортата шардоне визбите плаќале 19 денари за 20 шеќерни единици, а годинава за истиот квалитет 3 денари помалку.
Бараат итна реакција од државата.
„Владата да преземе итни мерки за отворање на границите и овозможување безцарински извоз на грозје. Цената на грозјето да се формира од страна на ценовен одбор и да биде одредена производна цена на килограм грозје. Ги прифаќаме сите понуди на цените на домашните откупувачи доколку владата изврши субвенционирање на вените до постигнување на откупни цени со кои барем малку би се покриле трошоците за производство“ вели Ѓорѓи Мешков од „Напредни лозари“.
Производите на грозје на прес конференцијата нагласија дека немале што да изгубат. И по цена да згасне лозарската приказна во Тиквешијата и пошироко во винските региони во Македонија грозје бесплатно нема да им даваат на визбите.