Димовски: Советот на обвинители за СЈО може да постапува само по предлог на Собранието

И изборот (член 3) и разрешувањето (член 18) на Сpeцијалнот јавно обвинителство (СЈО) е регулирано со специјалниот закон и не може и не смее да се применува друг закон. Постапката е строга, зошто и институцијата е значајна, напиша на својот фејсбук профил пратеникот Илија Димовски кој воедно е и претстедател на собраниската комисија за избори и именувања.

„Во двете постапки (и избор и назначување) Собрание на Републикa Македонија и Комисија за прашања на изборите и именувањата не може, ниту смее да се прескокнат, односно ниту да се разреши СЈО, ниту да се назначи вршител на функцијата СЈО без овие две инстанци во постапката.

Советот на Јавни обвинители во постапката за избор и назначување на СЈО може да постапува само по предлог на Собранието , претходно утврден од Комисијата за избори и именувања , а изгласан со двотретинско и бадинтерово мнозинство.

Советот и на Јавни обвинители во постапката за разрешување може да постапува само како предлагач, односно да достави Извештај до Собранието за утврдено незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата СЈО. Конечната одлука во оваа постапка ја носи Собранието на Република Македонија.

Се друго е надвор од законите“, напиша Димовски.

Комисијата за избори и именување е единствно надлежна за изборот на насленикот на позиција прв човек на Специјално јавно обвинителство.

Инаку во средата во јавноста се отвори дилемата како ќе функционира СЈО, откако на специјалната обвинителка Катица Јанева ѝ беше одреден триесетдневен притвор како осомничена во случајот „Рекет“.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев, изјави дека не сака да се конфронтира со државниот јавен обвинител, но напоменува дека назначување в.д. шеф на СЈО е возможно само во точно определени услови.

„Не сакам да навлегувам во конфронтација и затоа само ќе го цитирам Законот за јавно обвинителство. Одредбата за евентуално назначување вршител на должност (в.д.) вели дека тоа може да се направи во случај на престанок на функцијата или при разрешување. Ако сакаме за СЈО да се примени Законот за јавно обвинителство, тогаш Јанева треба да е разрешена или да и престане функцијата. Такво нешто нема, Јанева се уште формално не поднела ниту оставката за да ја констатираме. Сепак, прво да почекаме што ќе одлучи Судот за барањето за притвор. Дополнително не би сакал ништо да коментирам“, вели Штерјев за 360.

Претходно на прес-конференција државниот јавен обвинител Љубомир Јовески рече дека ако Јанева е спречена да ја извршува функцијата, тогаш на потег е Советот на јавни обвинител кој треба да постави в.д. шеф на СЈО, од обвинителите во оваа институција. Притоа, Јовески се повика на законите за СЈО и за јавното обвинителство. Но, шефот на Советот на обвинители различно ги чита одредбите, особено од Законот за јавното обвинителство.