
Управата за јавни приходи, УЈП, од утре ќе почне да го проверува работењето на фирмите поврзани со Бојан Јовановски, во делот на даноците и исплатите.
Според директорката на УЈП, Сања Лукаревска налозите за контрола на Меѓународниот сојуз, „1ТВ“, „БМЈ Медиа груп“ и сите други даночни обврзници треба да бидат дадени во петок.
-Преку исплатите на Меѓународниот сојуз ќе видиме на чија сметка од физички лица се легнати тие пари и дали воопшто се пријавени. Доколку се утврдат даночни затајувања, УЈП ќе започне постапки за потекло на имот- изјави синоќа Лукаревска.
Во однос на физичките лица директорката на УЈП вели дека ќе се контролираат по основ остварените приходи и по основ на Законот за персонален данок, а од друга страна даночните обврзници преку ДДВ, данок на добивка, пресметки, деловни односи, задржан данок.
Сопственик на „1ТВ“ е фирмата „БМЈ Медиа Груп“, а таа е во сопственост на таткото на Боки 13, Миле Јовановски, и на Јасна Мандиќ.