Владата денеска ќе го достави до Собранието списокот на новите кадри

Премиерот Зоран Заев денеска до Собранието ќе ја достави листата на кадровски решенија утврдена на вчерашниот Централен одбор на СДСМ.

Заев потврди дека Нина Ангеловска ќе биде кандидат за министер за финансии. Ангеловска е ко-основач и извршен директор на платформата „Групер“. Таа од 2016 г. е доктор на науки по менаџмент, а во 2010 г. дипломирала на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје како студент на генерација.

На списокот ќе биде и кандидатката за заменичка министерка за образование, Елизабета Наумовска која доаѓа на упразнетото место по оставката на Петар Атанасов. Ќе има промена и во ресорот економија, каде си заминува Кире Наумов, а доаѓа Кирил Колемишевски. Наумов, како што кажа Заев, ќе биде нов директор на Развојната Банка на Северна Македонија.

За заменик министер за политички систем, Заев и СДСМ го предлагаат Неџат Мехмедовиќ.