Нова студија за заштита на парк шумата Водно

Стручен тим изработи студија со која се укажува на потребите од заштита и поквалитетно управување со парк-шумата Водно и заштита на биолошката разновидност.  Со документот, којшто е ревизија на постојната студија за валоризација на природните вредности на парк-шумата Водно од 2009 година, се препорачува формирање две советодавни тела: совет на засегнати страни и научен совет.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска на презентацијата на документот истакна дека значењето на Водно од аспект на биодиверзитетот е големо, а напорите на Град Скопје се насочени кон зачувување на природата и заштитата од пожари.

Тој појасни дека главниот акцент е даден на идентификацијата и валоризацијата на важните екосистеми и живеалишта, како и на поединечните видови растенија, габи и животни и нивната застапеност на меѓународните листи за заштита на биодиверзитетот. Оваа студија, како што рече, е најсеопфатен документ што е изработен досега за Водно.

Градоначалникот потенцираше дека студијата доаѓа во момент кога се завршени околу 90 отсто од градежните активности за изградба на гасоводот на Водно и се пресечени  100 отсто од дрвјата  на трасата предвидена за гасоводот.

Подрачјето на парк-шумата Водно како предел со посебни природни карактеристики, прогласено е за заштитено подрачје според Законот за заштита на природните реткости со Одлука за прогласување на планината Водно за парк-шума и нејзина заштита донесена од Собранието на Град Скопје донесена 1991 година.

Предмет на оваа студија е ревизија на постојната Студија за валоризација на природните вредности на Парк-шумата „Водно“ од 2009 година. Со оглед на тоа што во 2012 година МЖСПП донесе нов Правилник за содржината на студијата за валоризација или ревалоризација на заштитено подрачје, извршено е нејзино ревидирање, односно пополнување со нови содржини согласно правилникот.

Град Скопје го реализира проектот „Заштита на природното богатство и пејсаж на комплексот Водно, Сарај и Матка“ во рамките на проектот „Подобрување на управувањето на заштитените подрачја“ кој е финансиран од Европската Унија, преку ИПА 2 – Секторската оперативна програма за животна средина и климатска акција 2014 – 2020, а се спроведува од страна на УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Изготвувач на студијата е Унига Стил од Скопје.

Целта на проектот е да го подобри управувањето со заштитените подрачја на подрачјето на Град Скопје, преку воспоставување управувачка структура, постојан мониторинг на видовите и живеалиштата во заштитените подрачја и поддршка на одржливи форми на туризам.