Русковска: Во исказот на Камчев не е спомнат ниту еден политичар

По тричасовно презентирање на доказите пред Советот на јавни обвинители каде денеска треба да се одлучува дали ќе почне постапката за разрешување на Катица Јанева, обвинителката Вилма Русковска изјави дека доставила сѐ што има за случајот „Рекет“ и останува на Советот по нив да одлучува.

„Им ги презиентирав докази кои ги имаме досега собрано, на сите поставени прашања  одговорив, а тие останаа да ги разгледаат доказите и да решат“ , рече Русковска.

Таа негираше дека во исказот на Јордан Камчев се спомнати политичари.

„Ниту премиерот Зоран Заев, ниту други политичари, воопшто не се спомнати во исказот на Јордан Камчев. Апсолутно станува збор за дезинформација од одредени медиуми. Заев е спомнат само во делот каде што кажа Јордан Камчев дека пријавил кај него“, нагласи Рускоска, и додаде дека сѐ уште не е утврдено како протекол во јавноста дел од записникот од сведочењето на Камчев.

„Не можам да ви дадам детали од сослушувањето на Орце Камчев, но тој беше повикан да даде дополнителни сознанија“, рече Рускоска.

На прашање кога ќе го повика Боки 13 да сведочи Рускоска рече дека засега нема потреба и ќе го викне кога ќе почувствува потреба.

„Се работи за истражна постапка и не може да се откриваат детали“ рече таа.