
Балкан Енерџи Груп АД ја демантира изјавата на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимовски. „Одлуката на РКЕ за определување на тарифата на топлинска енергија за Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ е спротивна на Законот за енергетика. Од тие причини Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ поднесе тужба пред надлежен суд за да ја оспори истата. Процедурата за поднесување тужби против одлуки на РКЕ е предвидена во Законот за енергетика и во самата Одлука донесена од РКЕ“ стои во соопштението на БЕГ.
„Спротивно на европските директиви врз основа на кои е донесен Законот за енергетика, РКЕ наложува обврска на дистрибутерот да наметне одобрена цена од РКЕ за топлинска енергија кон независни, нерегулирани производители на енергија, кои работат на слободниот пазар во конкуретни услови. Доколку не успее да најде таква цена што воопшто не зависи од него, дистрибутерот ќе биде приморан да купи топлинска енергија од регулираниот производител со поскапа цена, оштетувајќи ги крајните корисници. Притоа треба да се нагласи дека, доколку ТЕ-ТО АД не работи и не испорачува топлинска енергија, трошоците за крајните корисници на топлинска енергија не само што нема да се намалат, туку ќе пораснат за повеќе од 7%. За 7% ќе поскапи и трошокот за набавка на природен гас на сите потрошувачи во Македонија„, реагираарт од БЕГ.
Додаваат дека споредбата со искуствата од Германија на кои се повика Г-дин Бислимовски е несоодветна за Македонија, затоа што во Германија има развиен пазар на природен гас, со достап кон европските берзи на кои цените се далеку пониски од цените на природниот гас во нашата држава…
„Во Македонија когенеративните постројки не добиваат никаква помош од државата и се потполно изложени на слободниот пазар на енергија. Со оваа одлука на РКЕ дури и тој слободен пазар им се затвора. Не е вистинит делот во изјавата дека когенеративните постројки за производство на електрична енергија и топлина имаат повисока ефикасност од едногенеративните постројки за производство на топлинска енергија, односно топланите. Ефикасноста на ТЕТО АД при производството на електрична и топлинска енергија не надминува 80%, а додека ефикасноста на топланите управувани од БЕГ надминува 98%. Точен е фактот дека БЕГ АД и ТЕ-ТО АД имаат ист сопственик, а тоа е најголемиот странски green field од осамостојувањето на државата до денес. Тоа е во согласност со Законот за енергетика. Пракса е во Европа и светот, сопствениците на когенеративните постројки да управуваат во исто време и со централното греење заради постигнување максимална ефикасност на работењето и најдобра услуга за потрошувачите“, стои во деманот на БЕГ.
-Спомнувањето на Градски Енергетски Сиситеми во изјавата на Претседателот на РКЕ е крајно тендециозно и покажува дека незаконската Одлука на РКЕ е со крајна цел вршење притисок за Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ да се откаже од лиценцата.
Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ успешно ги привршува подготовките за претстојната грејна сезона и ќе обезбеди безбеден и сигурен старт на истата.
Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ поседува лиценца за вршење на дистрибуција на топлинска енергија до 2047 година и ќе ја врши дејноста согласно истата.