
По речиси повеќе од два часа во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, пратеничката Фросина Ременски излезе од просториите и во изјава за медиумите појасни дека била повикана како лице од кое се земаат одредени известувања да даде одговор за се што е поврзано со случајот „Рекет” како и со Меѓународниот сојуз.
Лицата фотографирани заедно со притворениот Бојан Јовановски, може да се прашање од интерес за надлежни институции, но не и прашање на првична осуда… Ќе се воздржам од коментари дали мојата функцијата била злоупотребена или не”, изјави Ременски по излегувањето од распитот во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.
Во врска со тоа дали знаела за зделките и каде одат парите од Меѓународниот сојуз, Ременски истакна дека квалификациите за тоа што правел Меѓународниот сојуз ќе ги остави на надлежните органи.
„Грижата на совест е индивидуална категорија на секој поединец и сите ние имаме одговорност и ситуации кога во животот и другаруваме и сме во роднинска врска со луѓе коишто можеби сториле или не сториле нешто. Но, тоа не значи дека тоа повлекува грижа на совест”, додаде пратеничката во изјавата.