Братот на британскиот премиер Џонсон поднесе оставка

Џо Џонсон, помладиот брат на британскиот премиер Борис Џонсон, поднел оставка во четвртокот како државен секретар во ресорите за труд и образование, а исто така ќе го предаде и пратеничкиот мандат, наведувајќи ја како објаснување судирот меѓу верноста на семејството и на националните интереси.

Ненадејната оставка на Џо Џонсон следеше неколку дена откако Борис Џонсон исклучи од Конзервативната партија 21 пратеник, бидејќи во парламентот гласаа против неговата стратегија за излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија.

Четириесет и седумгодишниот Џо Џонсон своевремено поддржуваше одржување втор референдум за брегзитот, но го прифати понудениот ангажман во владата откако неговиот брат стана премиер.

„Ми претставуваше чест девет години да служам како државен секретар во мандатите на тројца премиери. Последните седмици бев растрган меѓу верноста на семејството и на националните интереси – време е други да ги преземат моите улоги како пратеник и министер“, напиша на Twitter Џо Џонсон.

Џо Џонсон, како и неговиот брат е поранешен новинар, пишуваше за The Financial Times, а целото семејство Џонсон има различни ставови за брегзитот. Сестрата Рејчел е жесток противни, таткото Стенли е поранешен функционер на Европската комисија и убеден еврофил.