Во Охрид ќе се уриваат сите дивоградби, не само тераси и платформи

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески денеска категоричен изјави дека е изминат периодот на преговори, договарања и молења со сопствениците на дивоградбите, и најави дека активностите за нивно уривање се бројат со денови.

– Апелирам до сите кои добиле решенија за остранување на објекти, независно дали се работи за платформи, тераси, бетонски бази и друг вид нелегално изградени објекти, час поскоро да почнат сами да ги острануваат. Уривање во Охрид ќе има многу скоро“, рече Георгиески.

По однос писмото од дел од угостителите упатено до надлежните институции во кое тие ретерираа од претходно најавените активности дека сами ќе ги отстранат платформите пред нивните објекти, градоначалникот им порача од утре да ги чекаат инспекторите со налог за инспекциски надзор и за целокупните објекти заедно со терасите, а не само на платформите.

– Сега ќе добијат решение за отранување, на само на платформите, туку и за објектите и за терасите, рече тој, притоа појаснувајќи дека се работи за сите платформи на брегот на езерото, не само во градот туку и на плажите.

По однос на забелешките на угостителите дека треба да се најде начин за уредување на проблемот за нивните угостителски објекти, Георгиески вели дека решението ќе следи откако крајбрежјето на езерото ќе се врати во првобитна состојба.

– Постојат важечки детални урбанистички планови и ќе постапуваме според плановите, а не како некому ќе му текне да поставува објекти низ градот, рече градоначалникот.

Георгиески уште додаде дека е готов и регистарот на нелегално изградени објекти. Во тек е изработка на динамички план на сите објекти што се во активна зона на управување на Националниот парк „Галичица“, како и во крајбрежјето односно заштитениот појас.

– Сите што имаат илегални објекти да почнат сами да ги отстрануваат затоа што кога ќе почнеме ние со акцијата, после отстранувањето на сопственикот ќе му биде доставен трошковник што предвидува покривање на трошоците, не само за уривање, туку и за полициска асистенција и други работи, категоричен е Георгиески.