И Мицкоски во затвор, за раат на последната година власт на СДСМ и Зоран Заев

Лидерската средба бидна. Ем маратонска, ем на крајот искочи дека е за џабе. Договор нема. А, како да има, кога лично не верувам дека Зоран Заев сака да си го наруши комодитетот на владеење со Македонија, во последната година од својот мандат, со таму некакви договори за обвинителства за функционирање на правниот систем. Ама затоа пак неговите многубројни, и скапо платени од државни пари, експерти за односи со јавност, добија можност да го претстават својот шеф како лидер кој е расположен да седне и да разговара со опозицијата. Секогаш и секаде.

А, ние граѓаните на Македонија, како да очекуваме оној кој го урниса правниот систем во нашата земја, од моментот кога не го признаваше судот, преку неговото скандалозно ослободување во случајот „Поткуп“, до моментот на потопот на СЈО и случајот „Рекет“, дека ќе има воља и доблест да придонесе за отпочнување на нормално функционирање на толку посакувана од сите граѓани правда?

Договор за предвремени парламентарни избори никој не очекуваше, ама исто така и договор за обвинителствата. И Мицкоски и Заев одржаа прес-конференции. Објаснуваа зошто немало договор. Кому да му се верува? Па, може ли да му се верува на Зоран Заев? На човек може да му се верува се’ додека не се утврди неговата прва лага. А, Заев, утврдено, ја излажал македонската јавност, граѓаните, безброј пати. Од онаа негова изјава дека додека го дише овој воздух, нема да го смени името на земјата, па потоа дека со т.н. Преспански договор забетониран е идентитетот на Македонците, до онаа „весела“ фотографија од авион, лани, со поздрав за добиениот датум за преговори на Македонија со Европската унија. И уште многу, многу други лаги. Од 500 евра просечна плата, потоа решавање на проблемот со загадениот воздух, до мафтосувањата на јавноста, заедно со обвинителот Вилма Русковска, за случајот „Рекет“.

Многу интересен момент е што Христијан Мицкоски, на својата прес-конференција, кажа многу детали и поединости од лидерската средба. Мислам дека досега, тоа не го сторил ниту еден лидер на политичка партија во земјава, по една ваква средба. Чекор за огромен поздрав, бидејќи на крајот на краиштата таму, на тие лидерски средби, се одлучува за нас граѓаните, за нашата иднина, за тоа во каква земја ќе живееме. И затоа ние граѓаните имаме полно право да ја знаеме секоја работа, што е договорена таму. Или пак која што не е договорена, но и зошто не е.

Она, што сепак, привлече најмногу внимание во јавноста од обраќање на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, беше неговото објавување дека поседува записници од случајот „Рекет“, добиени од свиркачи. Така и личи на лидер на опозиција. Да му дише во врат на оној кој што е на власт. Да му даде на знаење, отворено и јавно, дека не е воопшто комотен, дека има „watchdog“ кој будно го следи дали работата ја врши согласно законите. Ама и дека ако згреши, ќе изгори. Мицкоски исправно постапи и што не ја прочита содржината на записниците. Сепак, истрагата за тој случај е во тек. Но, секако Христијан Мицкоски треба да знае дека ако дојде моментот ќе мора и тоа да го направи јавно.

Зоран Заев и СДСМ е многу очигледно дека ги фатило голема паника од овој потег на Христијан Мицкоски. И нормално, преземаат многу предвидлив и очекуван чекор. Обвинителот Русковска да го повика Мицкоски на разговор. Не верувам дека Мицкоски не го очекувал ова. Напротив. Со тоа ја покажува својата голема храброст и одлучност, но и желба, истата онаа што ја имаат и сите граѓани – спроведување на толку многу посакуваната правда!

Но, дури и да го уапсат Мицкоски, Зоран Заев и СДСМ не постигнуваат ништо, бидејќи еден таков потег ќе им донесе само контра ефект. Не звучи воопшто пријатно за оној кој е власт, една информација како апсење на лидер на најголема опозициска партија, затоа што објавил документи за можни незаконско дејствија и постапувања.

Наместо тоа, многу попаметно ќе им биде да покажат барем трошка доблест и при своето заминување од политичката сцена што помалку штета да и’ направат на Македонија. И не само на Македонија, туку и на нивната политичка партија. Воопшто и да не размислуваат да повлечат што е можно повеќе со себе во пропаста кон која заитано се движат. Ако не покажат доблест, Македонија секако ќе ја биде без нив, ама СДСМ ќе мора да се подготви за еден многу, многу долг период на делување од опозиција.

Автор: Дејан Николовски