Собранието со 102 гласа донесе одлука за разрешување на Катица Јанева

Собранието ја прифати одлуката на Комисијата за именувања и разрешување за специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева да биде разрешена од функцијата. Јанева е разрешена поради незаконско, несовесно и нестручно работење.

Со двотретинско мнозинство од 102 пратеници одлуката е донесена, по што истата ќе се испрати до Советот на јавни обвинители којшто треба да ја потврди.

Јанева е во притвор од 21 август како третоосомничена за  случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Таа беше избрана за специјален јавен обвинител на 15 септември 2015 со 108 гласа „за” и нејзиниот мандат истекуваше утре.